Скопје и Македонија се подготвуваат за вистински ММА спектакл на 24 октомври, каде што во рамките на настанот ФНЦ 34 ќе се одржи борба за шампионскиот појас во лесна категорија меѓу актуелниот првак Лом-Али Ескијев и српската боречка сензација Марко Бојковиќ. Во пресрет на нивната пресметка во октагонот, Германецот со руско потекло отворено прозборе за квалитетите на својот предизвик.
Ескијев (24-7), кој го освои појасот уште во својот дебитантски меч против Франциско „Кроата“ Барио, го спореди стилот на српскиот борец со својот претходен противник, потенцирајќи дека Бојковиќ носи сосема различна опасност.
„Тешко е да ги споредувам Бојковиќ и Франциско бидејќи се борци со тотално поинакви стилови. Едниот е чист стенд-ап борец, додека другиот ја гради својата доминација во партер. Марко е одличен техничар и удира застрашувачки силно. За мене ова се два сосема различни предизвици и сè уште не размислувам кој од нив би ми направил поголем проблем во октагонот“, порача шампионот.
За Марко Бојковиќ (10-2, 5 КО) ова ќе биде прва борба во кариерата за шампионски појас во ФНЦ организацијата. По двата порази од Милош Јаничиќ и Донован Дезме, младиот борец експресно се врати на победничките патеки со триумфи над Иван Вулчин и Пјотр Ниџелински, изборувајќи ја најголемата шанса во кариерата токму на предстојната боречка вечер во македонската престолнина.

