Тенискиот свет е во неверување по незапамтениот пресврт на Ролан Гарос, каде искуството и историјата мораа да им отстапат пат на младоста и нескротливата енергија. Српскиот ас Новак Ѓоковиќ доживеа шокантна елиминација во третото коло на турнирот, откако испушти предност од 2:0 во сетови против бразилското чудо од дете, Жоао Фонсека. По речиси пет часа исцрпувачка и драматична битка на стадионот „Филип Шатрие“, 19-годишниот Бразилец направи вистинска сензација и славеше со конечни 4:6, 4:6, 6:3, 7:5, 7:5.
Мечот започна со апсолутна доминација на Ѓоковиќ кој фуриозно влезе во дуелот и експресно поведе со 5:1 во првиот сет, но уште тогаш се почувствува првиот посериозен отпор на Фонсека, кој успеа да врзе три гема по ред. Сепак, Новак со перфектен последен гем го затвори сетот во своја корист, а слична слика видовме и во вториот сет, каде Србинот направи клучен брејк за водство од 3:2 и рутински ја сочува предноста за уште едно идентично водство од 6:4.
Но, во Париз сè се сврте наопаку. На сцена стапи спарното време кое видливо ја исцрпи енергијата на Новак, додека тинејџерот од Рио де Жанеиро, кој е најдобро рангиран Бразилец во сингл и важи за исклучително агресивен играч со разорен форхенд, почна да игра без никаков респект. Фонсека со брз брејк во третиот сет поведе со 3:0 и го доби тој дел од играта со 6:3, за потоа во четвртиот и петтиот сет да понуди вистинска психолошка војна во која Ѓоковиќ двапати потклекна во самите финиши.

