Европски првенства Меѓународен фудбал Фудбал

Младинците на Шпанија без примен гол се нови европски шампиони!

Репрезентацијата на Шпанија до 19 години доминантно ја освои европската титула откако во финалето ја совлада Германија со 2:0. Избраниците на Пако Гаљардо демонстрираа моќ и го завршија целиот шампионат без ниту еден примен гол во својата мрежа. На патот до трофејот, тимот забележа убедливи победи против Велс, Данска, Германија во групата, како и против Хрватска во полуфиналето.

Германците први ги пропуштија своите колосални шанси преку Штанге, чии удари брилијантно ги одбрани шпанскиот голман Ману Гонзалес. Казната за промашувањата пристигна пред самиот крај на првиот дел од натпреварот. По пречката на Лопез и стативата на Јанез, Уго Лопез во 44-тата минута одбиената топка ја смести во мрежата за 1:0.

Веднаш на стартот на второто полувреме, „црвената фурија“ ја дуплираше предноста и го реши прашањето на победникот. По еден изведен корнер на Даниел Јанез, највисок во скокот беше Марио Ривас кој во 48-мата минута погоди за 2:0. Германија до крајот се обиде да се врати, но одличниот Гонзалес со клучни одбрани ја сочува својата мрежа недопрена. Пласман на Светското првенство до 20 години од овој шампионат обезбедија селекциите на Шпанија, Германија, Украина, Хрватска и Данска.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.