Македонски фудбал Меѓународен фудбал Фудбал

Младинците на Брера ја надиграа Санта Колома во Лигата на шампионите и се на чекор до историја!

Младинците на Брера Струмица се на чекор до пласман во второто квалификациско коло од младинската Лига на шампиони, откако со убедливи 0-3 славеа на гостувањето кај Санта Колома во Андора. Тимот предводен од Ѓорѓе Стојчев уште од почетокот наметна свој ритам и беше подобар противник. Брера создаваше повеќе прилики, но реализацијата изостана во првото полувреме, па на пауза се замина без голови.

Сепак, струмичани го скршија отпорот на домаќинот во 58. минута. По додавањето од Танчев, Бучков погоди за 0-1, а истиот фудбалер во 80. минута повторно се запиша во листата на стрелците и ја зголеми предноста. Конечните 0-3 ги постави Кулески во 87. минута, со што Брера си создаде одлична залиха пред реваншот во Струмица, кој е закажан за 14 октомври. Со оглед на убедливата победа во Андора, македонскиот претставник е во одлична позиција да направи историски чекор. Доколку ја задржи предноста, Брера би можела да стане првиот македонски тим што ќе мине едно квалификациско коло во младинската Лига на шампиони.

Во следната фаза потенцијален противник е германскиот Хофенхајм.

За Брера настапија: Трајков, Г. Танчев, Димовски, Митрев, Ѓорѓиев, Велков, Талески, Бучков, И. Танчев, Милев и Сејменов. Во игра влегоа и Кулески, Стојанов, Василев, Тренов и Манчевски.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.