Младите аргентински фудбалери повторно го привлекуваат вниманието на европските гиганти, а најновото име кое се најде на радарот на голем број клубови е Томас Аранда. 19-годишниот играч на Бока Хуниорс зад себе има сезона која му донесе внимание и надвор од Аргентина.
Аранда во првиот тим на Бока се приклучи на почетокот од годината, но за кратко време успеа да се наметне и да запише 33 настапи во актуелната сезона. На нив постигна два гола и забележа три асистенции. Неговите настапи го ставија на листата на желби на повеќе европски клубови. Меѓу заинтересираните се споменуваат Арсенал, Челзи, Астон Вила, Комо, Интер и Ливерпул.
Според „El Intransigente“, токму Ливерпул во моментов е најблиску до договор со аргентинскиот фудбалер. За неговите услуги се очекува да биде потребна сума од околу 20 милиони евра. Аранда со Бока Хуниорс има договор до 2029 година, па аргентинскиот клуб се наоѓа во добра позиција доколку пристигне конкретна понуда од Европа.

