Казујоши Миура повторно го привлече вниманието на светската фудбалска јавност. Легендарниот јапонски напаѓач, кој има 59 години, постигна два гола за Фукушима Јунајтед во Купот на императорот и постави нов рекорд во едно од најстарите фудбалски натпреварувања во Јапонија.
Миура двапати беше прецизен од белата точка во убедливата победа од 7:0 против аматерскиот Ојама Сокер Клуб. Првиот гол го постигна во 12. минута, додека вторпат реализираше пенал десет минути по почетокот на второто полувреме. Со настапот на возраст од 59 години, пет месеци и 24 дена, популарниот „Крал Казу“ стана највозрасниот стрелец во историјата на Купот на императорот. Претходниот рекорд го држеше Шинџи Оно, кој имаше 41 година кога се запиша во листата на стрелци во ова натпреварување.
Миура по вторпат во краток период се запиша меѓу стрелците во Купот, откако постигна гол и во квалификациската рунда минатиот месец. Станува збор за негов прв гол во официјален натпревар по пауза од речиси четири години.
„Никогаш не знаете кога ќе дојде вашиот ред. Затоа постојано ги вежбам пеналите. Среќен сум што тоа ми се исплатеше“, изјави искусниот напаѓач.
Миура професионалната кариера ја започна во Бразил во 1986 година, а подоцна настапуваше и во Италија, Хрватска, Австралија и Португалија. За репрезентацијата на Јапонија запиша 89 настапи и 55 голови. Оваа година тој му се приклучи на третолигашот Фукушима Јунајтед, но и покрај својата возраст продолжува да испишува нови страници во историјата на јапонскиот фудбал.

