Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет

Митровиќ поради суспензија го пропушта Мелсунген

Вардар повторно ќе биде дел од европската ракометна елита, но враќањето во Лигата на шампионите нема да помине без проблеми за македонскиот шампион. „Црвено-црните“ ги очекува исклучително тежок почеток, бидејќи уште на првиот чекор ќе мора да се соочат со силниот германски состав Мелсунген. Дополнителен хендикеп за тренерот Ивица Чупиќ е што во овој натпревар нема да може да смета на еден од своите бекови.

Урош Митровиќ ќе биде надвор од комбинација поради суспензијата од четири европски натпревари која му ја изрече Европската ракометна федерација (ЕХФ). Српскиот ракометар ја заработи казната по случувањата на реваншот против Монпелје во Европската лига минатата сезона, кога доби директен црвен картон, а потоа и син картон.

Дисциплинската комисија на ЕХФ дополнително го санкционираше со четири натпревари неиграње. Бидејќи Вардар тогаш ја заврши европската сезона со елиминација, суспензијата не можеше да биде отслужена во продолжението од натпреварувањето, па таа се префрли во новата сезона.

Тоа значи дека Митровиќ нема да биде на располагање на Чупиќ не само за премиерниот натпревар во Германија, туку и за следните европски предизвици. Бекот ќе ги пропушти и двата дуели со Висла Плоцк, на домашен и на гостински терен, како и натпреварот против француски Нант во Скопје.

За Вардар, пак, првиот предизвик е Мелсунген, екипа која на домашен терен ќе бара победнички старт на европската сезона. Македонскиот состав ќе мора да најде решение за отсуството на Митровиќ и со расположливите сили да се спротивстави на германскиот претставник.

Натпреварот Мелсунген – Вардар е закажан за утре од 20:45 часот, а со него „црвено-црните“ официјално ќе го започнат своето враќање во најквалитетното европско клупско натпреварување.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.