Необична и загрижувачка ситуација ја потресе италијанската фудбалска јавност, откако фудбалерот на Лече, Ламек Банда, веќе повеќе од две недели не стапил во контакт ниту со клубот, ниту со своите агенти, ниту со соиграчите. Последната потврдена информација за замбискиот репрезентативец датира од 23 јули, кога бил забележан на аеродромот во Лусака заедно со сопругата. Според тогашните информации, требало да отпатува за Италија и да му се приклучи на тимот, но од тој момент му се губи секоја трага.
Во Лече признаваат дека ситуацијата станува сè позагрижувачка. Спортскиот директор Стефано Тринчера откри дека никој нема никаква комуникација со Банда и дека во клубот веќе не веруваат дека станува збор за обичен спор или обид да се издејствува подобар договор.
„Веќе две недели немаме никакви вести од него. Ниту ние, ниту неговите агенти. Почнуваме да стравуваме дека можеби станува збор за личен проблем кој нема никаква врска со фудбалот“, изјави Тринчера за италијанските медиуми.
Слична загриженост претходно изрази и претседателот на клубот Саверио Стики Дамијани, кој призна дека во својата повеќегодишна работа никогаш не се соочил со ваков случај и дека се надева оти зад исчезнувањето не се крие нешто многу посериозно.
Првично се шпекулираше дека причината можеби е можен трансфер. За Банда постоеше интерес од саудискиот Ал-Фатех, но во меѓувреме тој клуб се насочил кон други фудбалери, а до Лече не пристигнала ниту една официјална понуда. Поради тоа, сè помалку изгледа веројатно дека неговото исчезнување е поврзано со трансфер.
Проблемите започнале уште на 12 јули, кога Банда не се појавил на почетокот на подготовките. Како причина навел административни проблеми со пасошот, поради кои не можел да ја напушти Замбија. Во меѓувреме на социјалните мрежи накратко објавил видео на кое игра фудбал со пријатели, но снимката брзо била избришана. Откако поминале денови без никакви новости, Лече најави можни дисциплински мерки. Дополнителна мистерија внесува и фактот што неговата сопруга продолжува да биде активна на социјалните мрежи, но без ниту една објава или фотографија со Банда, а според дел од медиумите, таа неодамна престанала да го следи на Инстаграм.
Ламек Банда пристигна во Лече во 2022 година и беше еден од најважните играчи во изминатата сезона. Со пет постигнати голови беше најдобар стрелец на тимот и имаше значајна улога во обезбедувањето на опстанокот во Серија А. Во моментов, неговата судбина останува целосна непознаница, додека клубот и италијанската јавност со нетрпение очекуваат каква било информација за неговата состојба.

