Меѓународен фудбал Фудбал

Мисија „1.000“ и нова жртва во низата на Роналдо

Кристијано Роналдо чекори кон историскиот јубилеј од 1.000 погодоци во кариерата, а денешниот дуел на Ал Наср против Ал Фајсали му носи можност за уште еден неверојатен индивидуален рекорд. Доколку ја затресе мрежата на овој ривал, португалскиот ас ќе го запише Ал Фајсали како дури 163. различен клуб во кариерата против кого постигнал гол.

Првата ѕвезда на тимот од Ријад во моментот се наоѓа на 981 официјален погодок на 1.341 одигран натпревар. Иако овогодишниот старт на шампионатот во Саудиска Арабија за неговите стандарди е нешто поскромен со четири гола на осум меча, Роналдо и понатаму е во фокусот на светската фудбалска јавност. На претходната средба против Неом тој промаши пенал, а победата ја донесе Жоао Феликс, со што се пропушти првата шанса за проширување на листата на „жртви“.

Ал Наср за заостанува три бода зад лидерот Ал Кадсија и мора да оди на победа на гостувањето кај Ал Фајсали, а сите очи повторно ќе бидат насочени кон Португалецот, кој веќе има затресено мрежи на екипи од дури 49 различни земји низ светот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.