Миралем Пјаниќ имал значајна улога во трансферот на младиот босански талент Керим Алајбеговиќ во Јувентус. Поранешниот ас на „старата дама“, кој минатата година ја заврши играчката кариера и започна да работи како агент, лично присуствувал во Торино при финализирањето на договорот.
Според италијанските медиуми, Пјаниќ е близок пријател на семејството на Алајбеговиќ и токму неговото влијание било еден од клучните фактори 18-годишниот офанзивец да го избере Јувентус како следна дестинација во кариерата.
„Среќен сум за семејството, а најмногу за момчето. Се надевам дека Керим ќе направи големи работи во Јувентус“, изјавил Пјаниќ по комплетирањето на трансферот.
Јувентус го обезбеди потписот на Алајбеговиќ од Баер Леверкузен во зделка вредна 30 милиони евра, плус дополнителни пет милиони преку бонуси. За неговите услуги интерес покажуваа и Челси, како и Аталанта, но торинскиот гигант успеа да ја добие трката. Младиот босански репрезентативец потпиша договор со Јувентус до летото 2031 година, а во клубот веруваат дека станува збор за еден од најперспективните играчи во својата генерација.

