Македонската репрезентација ќе има нова можност за позитивен резултат во Лигата на нациите, а пред дуелот со Шкотска своите очекувања ги сподели Бојан Миовски. Напаѓачот на Глазгов Ренџерс смета дека по двата порази од Швајцарија и Словенија, македонските фудбалери мора да покажат реакција на теренот и да настапат како вистински колектив.
Миовски посочи дека резултатите досега не се според очекувањата, но токму затоа од тимот сега се бара поголемо заедништво и одговорност во играта.
„Секој период во репрезентацијата носи свои предизвици. Сега сме во момент кога треба да покажеме заедништво. Немаме посакувани резултати како што очекувавме, но сега треба да бидеме тим и тоа да го докажеме на терен. Можеме да зборуваме многу, но на крајот треба со време да го покажеме тоа и на терен“, изјави Миовски.
Македонскиот напаѓач добро го познава противникот, особено поради фактот што настапува во Шкотска. Според него, „тартан армијата“ располага со сериозен квалитет, иако моментално се наоѓа во период на резултатска криза.
„Шкотска е одлична репрезентација. Знаеме какви играчи имаат и каде настапуваат. Не се покажаа како што јас очекував на Светското првенство, но знам дека имаат квалитет. Доста играчи кои играат за националниот тим се од Ренџерс. Тие се во мала криза во моментов, немаат постигнато гол и се под притисок. Имаат и нов селектор“, додаде Миовски.
И покрај квалитетот на противникот, Миовски очекува Македонија да ја искористи предноста на домашниот терен и да покаже поинакво лице во однос на претходните натпревари.
„Ние играме дома и сме репрезентација која треба да покаже квалитет на терен. Не можеме да се потпреме на индивидуален квалитет. Ако бидеме колектив, ќе се вратат резултатите“, порача напаѓачот.
Натпреварот меѓу Македонија и Шкотска е закажан за сабота од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

