Репрезентацијата на Босна и Херцеговина оствари значајна победа над Полска со 1-0 во Зеница, во рамките на Б-дивизијата од Лигата на нации. Одлуката за победникот падна во самата завршница од натпреварот, а херој на домашниот состав беше Иван Башиќ, кој во 84. минута успешно реализираше пенал во првиот меч за „змаевите“ по повлекувањето на Един Џеко од националниот тим.
БиХ уште во втората минута се закани преку Сеад Колашинац, чиј обид беше изблокиран. Полјаците потоа ја презедоа иницијативата и ја имаа најголемата шанса пред заминување на одмор, кога Никола Катиќ интервенираше од самата гол-линија по шутот на Свидерски и спречи сигурен погодок.
Домаќините влегоа значително поофанзивно во второто полувреме и во 48. минута ја затресоа мрежата преку Харис Табаковиќ, но голот беше поништен поради офсајд на Ермедин Демировиќ, за кого судиите проценија дека влијаел врз играта. Сепак, притисокот на БиХ продолжи, а Демировиќ набрзо имаше уште една одлична прилика која ја одбрани Марцин Булка.
Клучниот момент се случи во 83. минута, кога по продорот на Есмир Бајрактаревиќ, во казнетиот простор беше соборен Лука Куленовиќ. По прегледот со ВАР-технологијата, главниот судија покажа на белата точка, а Башиќ презеде одговорност и со прецизен удар го совлада Булка за 1-0. Во преостанатите минути одбраната на БиХ издржа пред притисокот на Полска и ја зачува минималната предност до последниот судиски звиждок.

