Меѓународен фудбал Фудбал

Милер, Хумелс, Зомер и Ернандез купија клуб од Португалија!

Четворица поранешни фудбалери на Баерн Минхен направија сериозен чекор во светот на фудбалскиот бизнис. Томас Милер, Матс Хумелс, Јан Зомер и Лукас Ернандез станаа дел од меѓународен конзорциум кој презеде мнозински удел во португалската Естрела Амадора. Португалскиот клуб потврди дека конзорциумот стекнал 90 проценти од компанијата која управува со професионалниот фудбалски сегмент, додека преостанатите 10 проценти остануваат во сопственост на клубот.

Финансиските детали не се официјално објавени, но португалските медиуми објавија дека трансакцијата е вредна околу 40 милиони евра. Засега не е познато колкав износ вложил секој од четворицата поранешни фудбалери, ниту колкав удел поседуваат во новата структура. Станува збор за група со огромно искуство од највисоко европско и репрезентативно ниво. Милер и Хумелс со Германија станаа светски шампиони во 2014 година, додека Ернандез четири години подоцна го освои Мундијалот со Франција.

За претседател на Естрела е поставен Јоханес Месманг, кој десет години работел во одделот на Баерн задолжен за професионалните фудбалери. Тој во тој период соработувал и со дел од новите инвеститори. Новите сопственици најавуваат долгорочен проект, со инвестиции во инфраструктурата, младинската школа и технологијата. Наместо големи краткорочни трошоци, идејата е постепено да се изгради стабилен прволигаш кој ќе развива млади фудбалери и ќе стане поконкурентен во португалскиот фудбал.

Важен дел од планот е и стадионот „Жозе Гомеш“, кој е во сопственост на клубот. Новата сопственичка структура верува дека токму инфраструктурата, заедно со финансиската стабилност и меѓународното фудбалско искуство, може да биде основа за следниот чекор во развојот на Естрела.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.