Меѓународен фудбал Фудбал

Милан подготвува целосен ремонт на раководството

Џери Кардинале и Златан Ибрахимовиќ конструираат нов проект во Милан, кој во новата сезона би требало да биде предводен од германско-австриско трио.

Планот на клупските челници е да го ангажираат искусниот Ралф Рангник како технички директор, Јоханес Спорс да ја преземе функцијата спортски директор, додека Оливер Глазнер е прв избор за нов шеф на стручниот штаб. Разговорите се најнапредни со Глазнер, поранешниот стратег на Ајнтрахт Франкфурт и Кристал Палас. Од друга страна, Рангник намерно го одложува потпишувањето на новиот договор со австриската репрезентација бидејќи чека расплет на ситуацијата со италијанскиот гигант пред почетокот на Светското првенство. Како сериозна опција за спортскиот сектор се појави Спорс, чиј главен адут е тоа што веќе одлично ја познава Серија А по четирите години поминати во Џенова.

Ваквиот организациски вакум веќе почна негативно да влијае врз планираните засилувања. Германецот Леон Горецка беше практично договорен, но административните превирања во Милано го оладија неговиот интерес, па сега играчот на Баерн Минхен е поблиску до преселба во Јувентус. Сепак, најголемиот проблем за „росонерите“ во моментов е голманот Мајк Мењан. Иако Французинот неодамна стави потпис на нов повеќегодишен договор, по заминувањето на Масимилијано Алегри и Игли Таре, кои беа најзаслужни за неговото останување, тој веќе донел цврста одлука да ја промени средината.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.