Лионел Меси продолжува да поставува нови граници и на 39-годишна возраст. Аргентинската суперѕвезда беше меѓу стрелците за Интер Мајами во ремито 2:2 против Сан Диего, а со својот погодок од слободен удар стигна до уште едно историско достигнување во кариерата.
Меси директно од прекин ја затресе мрежата и го постигна својот 75. гол од слободен удар во кариерата. Со тоа го надмина Бразилецот Жаир, кој има 74, и сега самостојно ја зазема втората позиција на вечната листа. Пред него останува уште само Марселинјо Кариока, кој во кариерата има постигнато 78 гола од слободен удар. За споредба, Кристијано Роналдо досега има 65 погодоци на овој начин.
Но, историскиот погодок не беше единствената причина поради која Меси повторно се најде во центарот на вниманието. Аргентинецот го постигна и својот 20. гол во актуелната сезона во МЛС, со што дополнително го зацврсти првото место на листата на стрелци. Меси сега има два гола повеќе од Петар Муса од Далас, кој е на второто место со 18 погодоци.
Аргентинецот се наоѓа и во извонредна голгетерска серија. Меси постигна гол на осми последователен натпревар, а во овој период зад своето име запиша осум погодоци и четири асистенции. Кога ќе се погледне целата сезона во МЛС, бројките се уште поимпресивни. На 23 натпревари Меси има 20 гола и 11 асистенции, со што повторно потврдува дека и во позрелите години од кариерата останува еден од највлијателните фудбалери во американското првенство.
Интер Мајами, сепак, не успеа да стигне до победата против Сан Диего, па натпреварот заврши 2:2. Покрај Меси, во листата на стрелци за домаќините се запиша и Луис Суарес.

