Лионел Меси повторно беше главна ѕвезда на фудбалската сцена, откако со два погодоци го предводеше Интер Мајами до убедлива победа од 4:0 над ДС Јунајтед. Аргентинскиот виртуоз одигра одличен натпревар во првиот настап по збогувањето со репрезентацијата на Аргентина, потврдувајќи дека и понатаму е најважниот адут на тимот од Флорида.
Покрај Меси, во главна улога се најде и Луис Суарез, кој исто така двапати ја затресе противничката мрежа, а запиша и асистенција. Ударното напаѓачко дуо уште еднаш покажа колку може да биде опасно кога ќе добие простор за игра, па Ди Си Јунајтед немаше одговор за расположениот противник.
Со освоените три бода, Интер Мајами стигна до вкупно 49 и се искачи на второто место во Источната конференција на МЛС, прескокнувајќи го Чикаго Фајр. Од друга страна, ДС Јунајтед остана на 30 бода и сè повеќе заостанува во трката за пласман во плејофот.
Интер Мајами уште од самиот почеток најави дека е подготвен за офанзивен настап. Суарез го отвори резултатот во третата минута, кога успешно ја искористи асистенцијата од Бертераме и му донесе рано водство на својот тим. Уругвајскиот напаѓач повторно се запиша меѓу стрелците во 39. минута. По блокираниот удар на Меси, топката стигна до Бертераме, кој одлично го проигра Суарез, а овој немаше проблем да ја испрати во мрежата за 2:0.
Веднаш по паузата на сцена стапи Меси. Аргентинецот во 47. минута постигна погодок за зголемување на предноста на 3:0, запишувајќи го својот 22. гол во првенството и практично решавајќи го прашањето околу победникот. Точката на убедливата победа ја стави повторно капитенот на Интер Мајами. Во 60. минута, Меси доби одлично додавање со пета од Родриго Де Пол, ја презеде контролата врз топката, се ослободи од противничкиот дефанзивец и прецизно реализираше за конечни 4:0.
Со двата погодоци, Меси уште еднаш го потврди своето голгетерско расположение, додека Суарез покажа дека неговото партнерство со аргентинската ѕвезда останува еден од најсилните адути на тимот. Интер Мајами, во меѓувреме, стигна до вкупно 68 постигнати голови во сезоната во МЛС и ја забележа својата петта натпреварувачка „чиста мрежа“, прва по серија од десет натпревари.
Убедливо издание, четири постигнати погодоци и одлична форма на најголемите ѕвезди Интер Мајами има сериозни причини за оптимизам во продолжението од сезоната, особено во пресрет на решавачките битки за што подобра позиција пред плејофот.

