Аргентинскиот фудбалер Лионел Меси донираше 80.000 евра за обнова на западното подрачје во регионот на Мадрид, кое неодамна беше опустошено од голем шумски пожар. Веста ја потврди претседателката на овој регион, Изабел Ајусо, која му упати јавна благодарност на легендарниот фудбалер за хуманиот гест.
Катастрофалниот пожар уништи повеќе од 27.000 хектари земјиште и принуди над 55.000 жители привремено да ги напуштат своите домови. Ова беше еден од најголемите шумски пожари во историјата на овој регион, а за негово целосно ставање под контрола беа потребни неколку недели.
Ова не е првпат поранешната ѕвезда на Барселона да испрати помош за Шпанија. Меси претходно донираше средства за загрозените од катастрофалните поплави во регионот на Валенсија, како и за Црвениот крст, а над три милиони евра издвои и за детската онколошка болница во Каталонија.

