Авто-мото Други спортови

Мерцедес со неверојатна предност во Баку, Расел до пол-позиција!

Џорџ Расел ќе стартува од пол-позицијата на Големата награда на Азербејџан, откако возачот на Мерцедес имаше импресивни квалификации на уличната патека во Баку. Британецот беше убедливо најбрз и до првото стартно место стигна со предност од дури 0,837 секунди. Тоа е најголемата разлика со која Мерцедес освоил пол-позиција во квалификациите оваа сезона, надминувајќи го претходниот максимум од 0,785 секунди поставен на трката во Австралија. Сепак, резултатот од квалификациите не ја покажува целосно сликата за односот на силите. Иако Мерцедес очигледно пронајде одлична поставеност за специфичната конфигурација на патеката во Баку, дел од ривалите имаа сериозни проблеми.

Макс Ферстапен на тренинзите изгледаше како еден од главните кандидати за пол-позицијата, но квалификациите ги заврши дури на осмата позиција.Возачот на Ред Бул по сесијата откри дека неговиот болид имал проблем со испораката на моќноста. Според Ферстапен, поради дефектот губел околу половина секунда во споредба со тимскиот колега Исак Хаџар.

Дополнителен проблем претставувала и батеријата, која во последниот дел од квалификациите не успеала целосно да се наполни. Ферстапен немал ниту идеални услови за последниот обид, бидејќи на патеката имало жолто знаме. Разликата се гледа и во максималната брзина. Ферстапен бил околу 11 километри на час побавен од Хаџар на најбрзиот дел од патеката, што дополнително укажува на проблемите со неговиот болид. Ред Бул веднаш започнал со анализа на дефектот, а тимот најавил промена на неисправните компоненти пред трката.

Мекларен исто така не успеа да го следи темпото на Расел. Ландо Норис призна дека најголем дел од загубеното време доаѓа на делниците каде што максималната брзина игра клучна улога. Во тимот дополнително се истражува и можен проблем поврзан со системот за вбризгување гориво, што може да објасни дел од загубеното темпо.

На крајот, Расел ја искористи ситуацијата на најдобар можен начин и стигна до убедлива пол-позиција. Мерцедес покажа дека неговиот болид одлично функционира на долгите правци и специфичните услови во Баку.

Сепак, вистинската слика за односот на силите ќе биде позната дури во трката. Квалификациите покажаа импресивно темпо на Мерцедес, но техничките проблеми на Ферстапен и слабостите на Мекларен дополнително ја зголемија разликата меѓу Расел и неговите најголеми конкуренти.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.