Жозе Мурињо е подготвен за спектакуларно враќање на „Сантијаго Бернабеу“, цели 13 години по неговото заминување од Мадрид. Како што пренесува шпанскиот весник „АС“, неговиот агент Жорж Мендеш веќе остварил контакт со десната рака на Флорентино Перез, Хосе Анхел Санчес, известувајќи го за подготвеноста на Португалецот повторно да го преземе кормилото на „кралевите“. Актуелниот стратег на Бенфика има договор со лисабонскиот клуб до 2027 година, но во него постои посебна клаузула која му овозможува предвремен прекин на соработката веќе ова лето.
Раководството на Реал Мадрид е детално запознаено со финансиските услови за негово ослободување, но конечниот збор ќе го има исклучиво претседателот Перез. Мурињо пристигна во Бенфика минатиот септември, но предизвикот повторно да ги предводи мадридските ѕвезди се чини е преголем за да го игнорира. Останува да се види дали „кралскиот клуб“ ќе се одлучи за втора ера со „Специјалниот“, кој во својот прв мандат од 2010 до 2013 година донесе титули, но и поделени мислења кај јавноста. Евентуалната преселба на Мурињо назад во Шпанија би била најголемата тренерска бомба за претстојниот преоден рок.

