Процесот на подмладување во македонскиот национален тим продолжува со брз ритам, а новиот бран таленти го донесе и Анес Мелиќи во сениорското друштво. Стоперот на Шкендија, кој досега беше еден од столбовите на младинската репрезентација, го заслужи повикот на селекторот Гоце Седлоски по извонредните и зрели партии во ПМФЛ и европските квалификации за тетовскиот клуб.
Иако е свесен дека конкуренцијата во дефанзивната линија е жестока, младиот дефанзивец влегува без страв и со јасна желба да запише официјално деби во црвено-жолтиот дрес уште на претстојните натпревари.
„Нè очекуваат исклучително силни противници, а Б-дивизијата е колосален предизвик за сите нас. Во моментов фокусот ни е целосно насочен кон првиот меч против Швајцарија и одиме чекор по чекор. Самото тоа што ја добив оваа привилегија да бидам дел од А-националниот тим за мене е огромна мотивација, но секако дека се надевам и на минутажа. Секоја шанса што ќе ми ја укаже селекторот ќе ја искористам до максимум“, порача Мелиќи на репрезентативниот собир.
Македонските репрезентативци ги продолжуваат интензивните подготовки во Скопје, каде што првиот официјален тренинг го одработуваат во тренинг-комплексот „Петар Милошевски“.

