Екипата на Мекларен подготвува сериозен пакет надградби за да го фати приклучокот со водечките тимови во Формула 1. Актуелниот шампион кај конструкторите моментално се наоѓа на третото место со освоени 179 бодови. Заостанувањето зад лидерот Мерцедес изнесува огромни 154 бода, додека зад второпласираниот Ферари заостануваат 76 бодови.
Резултатите се под очекувањата, а единствениот подиум во последните пет трки го донесе Ландо Норис со третото место во Шпанија. Британскиот тим затоа најави значителни промени на претстојните трки во Белгија и Унгарија.
На легендарната патека „Спа-Франкоршамп“ викендов, тимот ќе тестира ново задно крило и ќе користи трета погонска единица. Сепак, техничкиот директор Нил Хаулди предупреди дека вистинскиот напредок се очекува дури на трката во Унгарија. Таму Мекларен ќе го претстави клучниот аеродинамички пакет со кој планира да се врати во борба за победи.

