По повеќе од две децении чекање, Шкотска конечно се врати на мундијалската сцена со победа, откако со минимални 1-0 славеше против селекцијата на Хаити во првото коло од групата Ц. Иако Островјаните важеа за фаворити, до клучните три бода стигнаа многу потешко од очекуваното, преживувајќи ги опасните контри на мотивираниот противник.
Овој дуел понуди голема симболика бидејќи се соочија два тима кои предолго чекаа на ваков собир, Хаити немаше заиграно на Светско првенство уште од далечната 1974 година, додека Шкотите последен пат беа дел од кремот во 1998 година. На теренот во Њу Џерси, Хаити воопшто не се уплаши од реномето на ривалот и со брзи транзиции постојано ја брануваше шкотската одбрана. Шкотска претходно ја погоди стативата преку Скот Мектоминеј, а до посакуваното водство стигна во 28-мата минута. Првата ѕвезда Џон Мекгин упати удар од далечина, топката несреќно за дефанзивците на Хаити закачи еден играч во блокот, го смени правецот и комплетно го измами противничкиот голман за 1-0.
Во второто полувреме фудбалот целосно го загуби темпото и двете репрезентации се мачеа да склопат посериозна акција во фазата на напад. Имаше неколку бурни протести и барања за најстрога казна во двата казнени простори, но главниот арбитер реши да го остави свирчето мирно. На крајот, Шкотска запиша исклучително важен триумф пред мундијалскиот блокбастер против Бразил во следната рунда, додека симпатичниот состав на Хаити ќе брка изненадување против Мароко.

