Олимпик Марсеј и Фенербахче постигнаа конечен договор за трансферот на Мејсон Гринвуд во зделка вредна 40 милиони евра. Со вклучените бонуси од два милиони евра, овој трансфер стана најскапата продажба во историјата на францускиот клуб. Голема заработка очекува и Манчестер Јунајтед, бидејќи англискиот гигант сочува дури 40 отсто од следната продажба на фудбалерот.
Гринвуд во Истанбул ќе потпише четиригодишен договор и ќе заработува фантастични десет милиони евра по сезона. Турскиот клуб со овој потег веднаш му одговори на лутиот ривал Галатасарај, кој претходно го доведе Виктор Осимен. Целиот финансиски пакет за ангажманот на Англичанецот ќе го чини Фенербахче околу 82 милиони евра.
Со преселбата во Турција, англискиот офанзивец ги надмина претходните рекордни заминувања од Марсеј на Батшуаи, Дрогба и Рибери. Гринвуд претходно целосно ја оживеа својата кариера на „Велодром“ со 48 постигнати голови на 81 одигран натпревар.
Покрај Фенербахче, сериозен интерес за него покажаа шпанскиот Атлетико Мадрид и богатиот Ал Ахли од Саудиска Арабија. Сепак, играчот сам реши да го избере жешкиот терен во Истанбул каде притисокот за успех е огромен. Фенербахче веќе цела деценија го чека домашниот трофеј, кој последен пат го освои во сезоната 2013/2014.

