Боречки спортови Други спортови

Медиќ: Родригез е незгоден и тешко се нокаутира, но јас сум побрз и удирам посилно!

Српскиот борец Урош Медиќ е подготвен за најголемиот предизвик во кариерата. Оваа сабота, на 1 август, тој ќе ја предводи главната борба на УФЦ настанот во белградската Арена против Даниел Родригез.

Медиќ пристигна во Србија по неколку години поминати во САД, а завршниот дел од подготовките го одработи во Нови Сад. Во неговиот агол ќе бидат неговите долгогодишни тренери од Аљаска и Калифорнија со кои ја започна кариерата.

Тој потенцираше дека е исклучително горд што ќе настапи пред домашната публика.

„Голема чест ми е и искрено сум возбуден што заедно правиме вака голема приказна. Имаме многу фанови на боречките спортови, а генерално сакам да кажам дека сме меѓу најдобрите спортисти во светот. Сè уште се обидувам да ги држам емоциите под контрола, бидејќи најпрво треба да си ја завршам работата“, истакна Медиќ.

За својот противник Родригез има исклучителна почит и го смета за опасен борец кој знае да прими тешки удари.

„Родригез е незгоден противник и добро ги проучив неговите борби. Сепак, повеќе размислувам за тоа да го наметнам мојот стил. Неговиот најдобар квалитет е што може да прими удар, но доволни се неколку чисти погодоци за целосно да се промени сликата. Верувам дека сум побрз, подобро ја читам борбата и удирам посилно“, порача Медиќ.

Српскиот борец најавува вистински спектакл за домашната публика и верува во победа пред преполната Арена.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.