Ракометарите на Алкалоид полека го зголемуваат интензитетот на подготовките во пресрет на новата натпреварувачка сезона. По воведниот дел од подготовките во Скопје, стручниот штаб сега ќе стави акцент на подобрување на физичката подготвеност, но и на воигрување на тимот пред првите официјални предизвици. Македонскиот вицешампион во полн состав се пресели во Маврово, каде ќе ја реализира втората фаза од летните подготовки. Во наредниот период тимот ќе работи на физичкиот и тактичкиот сегмент, со цел играчите максимално подготвени да ја дочекаат новата сезона.
По завршувањето на подготовките во Маврово, Алкалоид ќе одигра и серија контролни натпревари, кои ќе послужат како последна проверка на формата пред почетокот на настапите на домашната сцена и во европските натпреварувања.








