Роберто Мартинез веќе не е селектор на Португалија. По елиминацијата од Шпанија во осминафиналето на Светското првенство, шпанскиот стратег на официјалната прес конференција објави дека дефинитивно си заминува од функцијата. Мартинез претходно не успеа да направи голем резултат со Белгија, а сега неговата мундијалска приказна заврши неславно и со Португалците. Тој призна дека неговата главна цел била освојување на светскиот трон, па затоа неговото останување на клупата веќе нема никаква смисла.
Кормиларот на португалскиот тим детално ја објасни својата одлука пред присутните новинари.
„Да, ова е мојот последен натпревар на клупата на репрезентацијата. Горд сум на сè што направивме. Мислам дека можеме објективно да го согледаме аспектот на овие 45 натпревари. Беше големо задоволство, чест и одговорност. Тешко е да се одреди крајот на еден ваков циклус, но во овој контекст моето заминување има совршена смисла. Дојдов во Португалија за да го освојам Мундијалот и затоа нема смисла да продолжам понатаму“, изјави Мартинез.
Шпанскиот стручњак се осврна и на самиот натпревар, потенцирајќи дека повредата на Нуно Мендеш комплетно ја променила нивната игра. Сепак, најголемиот дел од своето излагање го посвети на капитенот Кристијано Роналдо, кон кого чувствува вечна почит.
„Имам само зборови на благодарност за него, бидејќи тој беше примерен капитен. Стигнав во Португалија во време на голема збунетост и многу сомнежи околу неговата позиција. За мене тој беше вистински пример. Неговата статистика зборува сама за себе. Фасцинантна е неговата секојдневна посветеност и начинот на кој го живее фудбалот. Зборуваме за фудбалска икона, нема многу луѓе како Кристијано. Засекогаш ќе му бидам благодарен за сè што се обиде да направи на ова Светско првенство. Негов сон беше да победи. Даде неверојатен пример и во фудбалот и како личност во соблекувалната“, додаде досегашниот селектор.
Големото разочарување по елиминацијата во микс зоната не го криеше ниту Бруно Фернандеш. Креативецот на Манчестер Јунајтед призна дека тимот потфрлил кога било најважно и ја посочи прераната дефанзива во второто полувреме како клучна грешка за примениот гол.
„Тажни сме. Дојдовме овде со една цел, а тоа е да победиме. За жал, денес не бевме на најдоброто ниво. Мислам дека игравме подобро во првото полувреме. Во второто полувреме ја направивме истата грешка. Се браневме премногу ниско на теренот и им ја препуштивме топката на Шпанците. Кога тоа ќе се случи, порано или подоцна ќе примите гол. Честитки за Шпанија, тие имаат квалитет. Сепак, мислам дека ќе имавме подобар резултат доколку продолжевме да го работиме тоа што го правевме во првиот дел“, заклучи Фернандеш.

