Баер Леверкузен повторно се враќа на шпанскиот рецепт на клупата. По неуспешните епизоди со Ерик тен Хаг и Каспер Хјулманд, германскиот клуб го пронајде својот трет менаџер во посталонсовата ера. Нов предводник на „фармацевтите“ е 42-годишниот каталонски стручњак Карлес Мартинез Новел. Тој постигна дефинитивен договор со раководството и доаѓа по три години поминати во францускиот Тулуз.
Германскиот шампион од 2024 година зад себе има прилично турбулентен период и кошмарна сезона. Тимот комплетно се распадна по заминувањето на Чаби Алонсо и заврши дури на шестото место во Бундеслигата. Поради тоа, Леверкузен остана без пласман во Лигата на шампионите. Управата мораше брзо да реагира во потрагата по нов идентитет, па изборот падна на талентираниот Новел. Тој во изминатите три сезони со Тулуз завршуваше на 11-то, 10-то и 9-то место на табелата во Лига 1.
Шпанскиот стратег со себе носи препознатлив модел на игра. Својата голема тренерска репутација ја градеше во академијата на Барселона, славната Ла Масија. Таму Новел директно учествуваше во развојот на светските суперталенти како Гави, Ансу Фати и Чави Симонс. По кратките епизоди во Катар и Кувајт, тој пристигна во Тулуз во декември 2022 година. Прво работеше како помошник со кого клубот го освои Купот на Франција, а во летото 2023 година беше промовиран во главен тренер.

