Кормиларот на португалската репрезентација, Роберто Мартинез, застана во одбрана на Кристијано Роналдо, потенцирајќи дека годините на напаѓачот не се пречка доколку тој ги исполнува барањата на теренот. Стратегот објасни дека стручниот штаб прави детални анализи на моменталната форма и донесува одлуки исклучиво врз основа на тоа што фудбалерите го прикажуваат на теренот од ден во ден, без да гледаат премногу далеку во иднината.
Според зборовите на Мартинез, Роналдо го нема привилегираниот статус на легенда кога се крои почетниот состав, туку се соочува со истите критериуми како и секој друг негов соиграч. Селекторот нагласи дека тимот работи со Кристијано како активен фудбалер кој се бори за своето место во експедицијата за Мундијалот во 2026 година, а не со неговиот митски статус во фудбалската историја. Правилото е едноставно за сите, оној што придонесува за колективниот успех и ги реализира замислите, добива шанса да игра.
Мартинез се осврна и на новата тактичка реалност во денешниот фудбал, каде правото на пет замени целосно ја менува динамиката на натпреварите. Тој објасни дека сега се прави јасна разлика меѓу играчите кои го почнуваат мечот и оние кои имаат задача да го затворат, нагласувајќи дека Роналдо секогаш професионално ја прифаќал и ја исполнувал улогата што му била доделена од стручниот штаб.

