Бразилската репрезентација се избори за место во осминафиналето на Светското првенство, откако во драматичен натпревар ја совлада Јапонија со 2-1. „Кариоките“ долго време беа во негатива, но со подобра игра во второто полувреме направија пресврт и до триумфот стигнаа во последните моменти од средбата. Јапонците први се израдуваа на погодок во 29. минута. Каишу Сано ја искористи невнимателноста на Данило, ја одзеде топката и со силен удар од дистанца го совлада Алисон за водство од 1-0. Бразил доминираше во поседот, но тешко наоѓаше простор против дисциплинираната одбрана на азиската селекција.
Карло Анчелоти направи офанзивни измени на полувремето, а тие брзо дадоа резултат. Во 56. минута Каземиро најдобро се снајде по центаршут од десната страна и со удар со глава го врати резултатот во рамнотежа. По израмнувањето Бразил продолжи со нападите, а Винисиус Жуниор беше блиску до целосен пресврт, но неговиот удар заврши во стативата. Јапонија успеа да го издржи притисокот сè до судиското продолжение, кога Бразилците искористија грешка во организацијата на противникот.
По брзо освоена топка, Бруно Гимараеш му асистираше на Габриел Мартинели, кој остана смирен пред голот и го постигна победничкиот погодок за 2-1. Со оваа победа Бразил го продолжува настапот на Мундијалот, а во осминафиналето ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу Норвешка и Брегот на Слоновата Коска.

