Иако Мароко славеше со убедливи 3:0 и ја елиминираше Канада од Светското првенство, вистинска вербална војна се разви по завршувањето на натпреварот во Хјустон. Канадскиот селектор Џеси Марш изненади со изјавата дека неговиот тим бил подобар на теренот, што веднаш предизвика иронична и директна реакција од мароканскиот стратег Мохамед Уахби.
Марш не ја криеше гордоста од историскиот пласман на Канада во нокаут-фазата, но отиде чекор подалеку со анализата на самиот дуел. Тој потенцираше дека неговите играчи покажале храброст, играле офанзивно и имале дури 11 неверојатни индивидуални изданија во првото полувреме. Американецот на клупата на Канада изјави дека, без разлика на убедливиот краен резултат, тој секогаш би избрал да биде Канада отколку Мароко. Според него, противникот се виткал под нивниот притисок, примениот гол бил чиста несреќа, а во некој друг ден Канада ќе победела бидејќи покажала подобра игра од седмата репрезентација на планетата.
Ваквиот филозофски пристап по убедлив пораз воопшто не му беше јасен на предводникот на Мароко. Уахби призна дека Канаѓаните имале одличен интензитет во првите 45 минути, но веднаш му реплицираше на колегата за тврдењата околу тоа кој доминирал на теренот. Мароканскиот кормилар порача дека е потребна навистина сериозна доза на храброст за да изјавиш дека си бил подобар откако си загубил со високи 0:3. Тој додаде дека неговиот тим бил супериорен во второто полувреме, ги казнил сите грешки на ривалот и сосема заслужено патува во големото четртфинале.

