Денес од 15:00 часот, вниманието на ракометна Европа е насочено кон Келн. Во првото полуфинале на Лигата на шампионите ќе се соочат големите ривали Фуксе Берлин и Магдебург, во натпревар кој ветува врвен ракомет.
За тимот на Фуксе Берлин, овој дуел има посебно значење. Ова е нивната голема шанса за реванш по минатогодишниот пораз од Магдебург во финалето на ова натпреварување. Со оглед на одличните игри во текот на целата сезона, ракометарите од Берлин во Келн доаѓаат максимално подготвени и со јасна цел, а тоа е да го поправат ланскиот резултат и да се изборат за титулата која им недостасува.
Еден од клучните столбови на берлинскиот тим, Мијајло Марсениќ, ексклузивно за www.sportei.mk ги сподели своите очекувања пред денешниот голем предизвик.
Првата реакција на исходот беше едноставна, калкулации едноставно нема кога се напаѓа највредниот ракометен пехар…
„Првата реакција ми беше сосема нормална бидејќи сметам дека, со кого и да играме, за да го освоиме трофејот мораме да ги победиме двата меча. Искрено, немав некоја посебна желба за противник во полуфиналето. Неважно е со кого играме, мораме да победиме на двата натпревари за да ја завршиме сезоната на најдобар можен начин.“
Германското соочување на европска сцена носи посебна тежина. Противникот добро се познава, а минатите пресметки покажуваат дека нијанси одлучуваат на чија страна ќе замине победата. Психолошкиот притисок е поделен…
„Мислам дека нема фаворит и дека шансите се 50/50. И ние го имаме победено Магдебург, но и тие нè имаат победено нас. Според мене, тие се најдобриот тим на светот, така што нè чека тешка работа, но верувам во мојата екипа.“
Фактот што ривалите доаѓаат од домашното првенство и ги знаат сите свои силни и слаби страни, за многумина е олеснителна околност, но на теренот во Келн тоа ја менува самата природа на тактиката. Наместо изненадувања, на сцена стапува карактерот…
„Мислам дека е добра работа и дека е предност тоа што добро се познаваме и што сме играле толку пати едни против други. Нема тука премногу тајни во играта; натпреварот повеќе ќе биде прашање на борба, енергија и емоции.“
Еден од клучните фактори за сите германски екипи пред „Фајнал-фор“ е исцрпувачкиот распоред во Бундеслигата. Сепак, наместо во тоа да се гледа како на хендикеп поради заморот, суровиот натпреварувачки ритам се наметнува како сериозен адут…
„Многу добра и важна работа е тоа што сезоната во Бундеслигата ја завршивме само неколку дена пред Ф4. Екстремно е важно да бидеме што сме во натпреварувачки ритам.“
Сепак, за да се стигне до оваа завршна фаза воопшто да биде возможна, темелите беа поставени многу порано, уште во групната фаза на елитното натпреварување, каде што се кроеше патот за директен пласман во четвртфиналето…
„Мислам дека клучно беше тоа што завршивме први во групната фаза и ја прескокнавме осминафиналната рунда, бидејќи во меѓувреме се одморивме и добро се подготвивме за двомечот со Веспрем. Тоа би го издвоил како многу клучен момент во сезоната.“
Анализата на противникот покажува дека најголемата сила на Магдебург лежи во нивната колективна ширина, иако две имиња веднаш отскокнуваат кога се крои дефанзивната тактика…
„Магдебург е екипа која располага со 18 врвни играчи и од секого прети опасност во секој момент, но секако би ги издвоил Гисли Кристјансон и Феликс Клар.“
На крајот, покрај тактиката, анализите и физичката подготвеност, пресуден е личниот мотив. Желбата за европската круна има посебна емотивна тежина, длабоко поврзана со незаборавните сеќавања од минатото и моментите кои остануваат врежани за цел живот…
„За мене би бил неверојатен успех повторно да ја освојам Лигата на шампионите. Се сеќавам кога со Вардар ја освоивме титулата и никогаш нема да го заборавам славењето пред 20.000 навивачи. Тоа е неверојатно чувство и ќе дадам сè од себе за повторно да победам и да го доживеам истото чувство како тогаш“ порача Марсениќ.

