Меѓународен фудбал Фудбал

Марсеј се буди, „петарда“ за Анже (ВИДЕО)

Олимпик Марсеј конечно фати вистински залет во француската Лига 1 и покажа дека кризата од почетокот на сезоната полека станува минато. По серијата турбуленции, огромниот притисок врз тренерот Бруно Женесио и кошмарниот биланс од четири порази на првите пет меча, гигантот од „Велодром“ врза две последователни победи на гостински терен, откако по триумфот над Троа, овојпат му одржа фудбалска лекција на Анже славејќи со убедливи 2:5.

Иако средбата започна со нов шок за гостите откако Раолисоа уште во 14. минута ја искористи првата шанса и го доведе Анже во предност, Марсеј одговори со извонредна контрола и уште до паузата режираше комплетен пресврт. Најпрво Абдели во 37. минута го израмни резултатот по одличното проиграување од Тимоти Веа, а само шест минути подоцна Камисоко ја смести топката зад грбот на домашниот голман за целосен резултатски пресврт и предност од 1:2 на полувремето.

Вториот дел донесе вистинска офанзивa и отворена борба на теренот. Гуири во 60. минута најпрво не реализираше пенал, но веднаш натрча на одбиената топка и зголеми на 1:3 за Марсеј. Домаќините за момент си ги вратија надежите откако Ел Уазани во 74. минута беше прецизен од белата точка, но завршниот збор му припадна на расположениот гостински состав. Со два експресни погодоци во самиот финиш, најпрво преку Харит во 83. и Паишао во 85. минута, Марсеј го запечати убедливиот триумф и најави многу подобри денови за тимот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.