Бразил и Мароко веќе ги потврдија билетите за следната фаза во групата Ц на Светското Првенство, но последната рунда ќе го даде одговорот кој ќе патува во елиминациите од лидерската позиција. Мароканците имаат наизглед полесна задача против отпишаниот Хаити, каде што покрај сигурни три бода максимално ќе ја нападнат гол-разликата во битката за врвот. Од друга страна, „кариоките“ се соочуваат со далеку потежок испит против селекцијата на Шкотска, на која и е потребен само еден бод за остварување на историски сон и пласман во следната фаза на Мундијалот.
Предводникот на Бразил, Карло Анчелоти, се соочува со кадровски проблеми по повредата на Рафиња, па неговото место на крилната позиција речиси сигурно ќе го заземе младиот Рајан од Борнмут. Иако италијанскиот стратег на тренинзите експериментираше со Лео Переира во одбраната и Ендрик во шпицот, медиумите најавуваат дека тој ќе остане доследен на проверениот систем со само една принудна измена. Дополнителен плус за Јужноамериканците е враќањето на Нејмар, за кого Анчелоти во свој препознатлив духовит стил искоментира дека е здрав и подготвен, но веројатно ќе добие минутажа во финишот.
Шкотите, пак, покрај тешката задача, во клучниот дуел влегуваат сериозно ослабени бидејќи поради повреди надвор од комбинација се првотимците Били Гилмор и Арон Хики.

