Меѓународен фудбал Фудбал

Марко Грујиќ го носи Левски во ЛШ! (ВИДЕО)

Искусниот српски играч за врска се сели во Софија како слободен агент и со бугарскиот клуб потпиша договор со важност до 2027 година, со опција соработката да биде продолжена за уште една сезона. Грујиќ на „Георги Аспарухов“ пристигнува со сериозно интернационално искуство, а последниот клуб во неговата кариера беше грчки АЕК Атина. Интересно е што токму АЕК ќе биде противник на Левски во плејофот за пласман во Лигата на шампионите.

Српскиот фудбалер ги направи првите чекори во школата на Црвена звезда, а по краткиот период во Колубара, во 2016 година направи голем трансфер во Ливерпул. Грујиќ беше првото засилување кое го донесе Јирген Клоп на „Енфилд“. Во дресот на англискиот гигант запиша 16 настапи и постигна еден гол, а потоа следуваа позајмици во Кардиф и Херта. Најдолг период помина во Берлин, каде што остави солиден впечаток со 54 натпревари и еден гол.

Кариерата потоа го одведе во Португалија. Грујиќ најпрво настапуваше за Порто како позајмен играч, а клубот подоцна го откупи неговиот договор. За португалскиот гигант собра дури 140 настапи и четири гола. Минатата сезона српскиот репрезентативец настапуваше за АЕК, со кој стигна до шампионската титула во Грција. За атинскиот клуб одигра 20 натпревари и еднаш се запиша во листата на стрелците.

Грујиќ во својата кариера има освоено голем број трофеи. Со Црвена звезда беше шампион на Србија во сезоната 2015/16, додека со Порто освои титула во Португалија, три Купа на Португалија, три Суперкупа и една Куп-лига. Најновиот трофеј го освои со АЕК, со кој минатата сезона стана шампион на Грција. На репрезентативен план, Грујиќ е дел од генерацијата на Србија која во 2015 година стана светски шампион до 20 години. За сениорската репрезентација досега има 30 настапи.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.