Манчестер Сити се соочува со нова потенцијална закана поради финансиските контроверзии, откако претседателот на Независниот фудбалски регулатор на Англија (IFR), Дејвид Коган, потврди дека институцијата има овластувања да побара отстранување на сопственик доколку утврди неодговорно управување со клубот.
Во подкастот „The Rest Is Football“, Коган објасни дека регулаторот располага со механизми за спроведување на таквата одлука, дури и ако сопственикот одбие да го продаде клубот. Ова отвора можност за заминување на шеикот Мансур од Манчестер Сити, но засега нема конкретна одлука во таа насока.
Коган нагласи дека прво треба да завршат актуелните правни постапки, по што ќе се процени дали има основа за дополнителна истрага. Затоа, евентуалната принудна продажба на англискиот гигант засега останува само можност, а не извесен исход.

