Меѓународен фудбал Фудбал

Манчестер Сити е прогласен за виновен за речиси сите точки од обвинението!

Англискиот фудбал се соочува со најголемиот скандал во својата модерна историја, откако Манчестер Сити е прогласен за виновен за речиси сите финансиски прекршоци за кои го товареше Премиер лигата, пренесуваат водечките британски медиуми.

Според информациите на „BBC Sport“ и екслузивата на „The Athletic“, независната комисија по долготрајниот процес донесе одлука дека актуелниот шампион ги прекршил правилата во дури 114 од вкупно 115 точки опфатени со обвинението. Потенцијалните драстични санкции, кои според шпекулациите можат да варираат од огромно одземање бодови, па сè до исфрлање од лигата и одземање титули, сè уште не се одредени, а раководството на Премиер лигата засега се воздржува од коментар.

Клубот од „Етихад“ веднаш се огласи со официјално соопштение, подвлекувајќи дека целата постапка сè уште не е правно заклучена:

„Процесот на Премиер лигата сѐ уште е во тек, со значајни елементи кои допрва треба да се завршат и со строги правила за доверливост.“

Од таборот на „граѓаните“ додадоа дека во текот на изминатите осум години целосно ја почитувале процедурата, очекувајќи раководството на Премиер лигата да постапува како независен и непристрасен регулатор.

Овој историски случај датира од февруари 2023 година по неколкугодишна истрага. Доколку епилогот остане неповолен за клубот, Сити веќе подготвува жалба, што значи дека оваа правна драма навистина ќе има уште едно жестоко поглавје пред конечниот удар врз шампионот.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.