Кошмарниот почеток на сезоната донесе вистински тектонски потреси во Манчестер Јунајтед. Раководството на гигантот од „Олд Трафорд“ влезе во официјални преговори со актуелниот селектор на САД, Маурисио Покетино, кој е предвиден за нов кормилар на тимот. Кризата го достигна својот врв откако извршниот директор Омар Берада и спортскиот директор Џејсон Вилкокс отпатуваа на итен состанок кај сосопственикот Сер Џим Ретклиф во Монако, каде што се финализира одлуката за прекин на соработката со Мајкл Керик.
Собраните скромни осум бода од десет одиграни кола го заковаа Јунајтед на скромното 18-то место на табелата, зона за испаѓање која претставува најлош првенствен старт за клубот уште од далечната 1986 година. Во обид да се спаси сезоната, англискиот гигант по четврти пат во својата историја се обидува да го доведе 54-годишниот Аргентинец на својата клупа. Покетино во моментов има активен договор со Фудбалската федерација на САД, но во него постои откупна клаузула од 10 милиони долари (околу 7.5 милиони фунти), сума што Јунајтед е подготвен веднаш да ја плати за да го ослободи од репрезентативните обврски.
Расплетот од состанокот во Монако се очекува во текот на денешниот ден. Доколку преговорите завршат успешно, аргентинскиот стручњак ќе се соочи со вистинско огнено крштевање уште на самиот старт, неговиот потенцијален деби-настап ќе биде најголемото англиско дерби против Ливерпул на „Енфилд“ на 22 ноември.

