Манчестер Јунајтед се соочува со дополнителни кадровски проблеми пред гостувањето кај Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите. Англискиот тим е загрижен за состојбата на Лук Шо и Коби Маино, кои поради повреди не учествуваа на последниот тренинг на екипата. Отсуството на двајцата фудбалери претставува нова грижа за менаџерот Мајкл Карик, особено во период кога „црвените ѓаволи“ се обидуваат да ја прекинат серијата од четири натпревари без победа во сите натпреварувања.
Јунајтед во последниот настап ремизираше 1-1 на домашен терен против Тотенхем. Иако имаше предност до самиот финиш и играч повеќе на теренот, англискиот гигант не успеа да ги освои трите бода, па притисокот пред европскиот предизвик дополнително се зголеми.
Проблемите со повредите не завршуваат со Шо и Маино. За гостувањето на стадионот „Метрополитано“ надвор од комбинација се Бенџамин Шешко, Патрик Доргу и Нусаир Мазрауи, кои продолжуваат со рехабилитацијата. Сепак, од тренинг-кампот на Јунајтед пристигнува и една позитивна вест. Централниот дефанзивец Матијас де Лихт повторно тренира со соиграчите, што претставува охрабрувачки знак за неговото враќање на терените. Холандскиот репрезентативец е надвор од натпреварувачкиот ритам од ноември минатата година, кога мораше да биде опериран на грбот.
Сега останува да се види дали Шо и Маино ќе успеат навреме да се опорават за дуелот со Атлетико, кој за Манчестер Јунајтед доаѓа во чувствителен момент од сезоната. Евентуалното отсуство на двајцата би можело дополнително да ја отежне задачата на англискиот тим во Мадрид.

