Меѓународен фудбал Фудбал

Манчестер Јунајтед го купи земјиштето за новиот стадион од 100.000 места!

Манчестер Јунајтед направи клучен чекор кон изградбата на својот нов стадион со капацитет од 100.000 седишта, откако официјално откупи 25 хектари земјиште во непосредна близина на сегашниот „Олд Трафорд“. Со овој потег практично е отстранета најголемата пречка за реализација на овој мегаломански проект, чија вкупна вредност моментно се проценува на околу две милијарди фунти.

Клубот претходно долго време преговараше за друга локација, но откако тие преговори пропаднаа, раководството се сврте кон алтернативно решение кое овозможи многу побрзо и поповолно затворање на зделката. Според информациите од Англија, Јунајтед не очекува никакви проблеми ниту при купувањето на преостанатите помали парцели кои се неопходни за конечно започнување на градежните работи.

Извршната директорка за развој на проектот, Колет Рош, истакна дека купувањето на земјиштето претставува голема пресвртница за иднината на клубот. Таа потенцираше дека градењето во близина на легендарниот „Олд Трафорд“ ќе им овозможи да ја зачуваат богатата традиција, историјата и сè она што го прави овој клуб посебен за навивачите. Според неа, ова е шанса која се појавува еднаш во генерацијата, а целта е новиот дом на клубот да биде совршен спој на славното минато и на амбициозната иднина на гигантот од Манчестер.

Манчестер Јунајтед ќе продолжи да ги игра своите домашни натпревари на актуелниот стадион сè до целосното завршување на работите, а се проценува дека изградбата на новиот објект ќе трае најмалку пет години. Кога ќе биде комплетно изграден, овој стадион ќе биде најголемиот во Велика Британија и втор по капацитет во цела Европа, веднаш зад каталонската гордост „Камп Ноу“.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.