Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет Репрезентација на Македонија

Македонските ракометарки во полн ритам, следуваат тестови во Турција

Женската ракометна репрезентација на Македонија ги користи деновите од актуелната ЕХФ-недела за интензивна работа и подигнување на формата пред предизвиците што ја очекуваат во продолжението од сезоната. Избраничките на селекторот Игор Марковиќ тренираат во Скопје, каде што акцентот е ставен на тактичката подготовка и меѓусебното усогласување на играта.

Репрезентативната пауза доаѓа во важен момент, со оглед на тоа што македонските ракометарки наскоро ги очекува силен пријателски турнир во Турција, кој ќе послужи како значајна проверка пред настапот на Европското првенство. Стручниот штаб сака максимално да го искористи расположливото време за да ја подготви екипата за она што следува.

Марковиќ е задоволен од досегашниот тек на подготовките, а особено го радува фактот што сите репрезентативки се здрави и редовно ги извршуваат планираните обврски.

„Овојпат решивме да останеме во Скопје и тука да работиме. Одиме максимално за да ја постигнеме формата која што ја посакуваме. Она што е добро е што сите девојки во моментов се здрави и се на тренинг, и посакувам така и да остане“, истакна селекторот.

Планот на стручниот штаб предвидува околу десет тренинзи, преку кои ќе се работи на подобрување на тимската игра и воигрувањето. Целта е сработеното во Скопје да даде резултат уште на турнирот во Турција, но и да претставува добра основа за настапот на континенталниот собир.

„Планираме да одработиме десетина тренинзи на кои основно ќе биде да се воиграме. Сето тоа што ќе го одработиме тука, планираме да го искористиме најпрво на турнирот во Турција, а потоа и на Европското првенство“, додаде Марковиќ.

За македонската селекција, претстојниот период ќе биде можност да ги усогласи тактичките замисли, да ја подигне натпреварувачката форма и да влезе што поподготвена во предизвиците што ја очекуваат. Здравствениот биланс засега е позитивен, а фокусот останува на квалитетната работа и создавањето препознатлива тимска игра пред Европското првенство.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.