Нашата женска одбојкарска селекција загуби со 1:3 во сетови од Косово на првиот контролен натпревар одигран попладнево во Скопје. Избраничките на Милош Гавриловиќ одлично го отворија мечот во салата „Борис Трајковски“ и заслужено поведоа со 1:0 во сетови.
Во продолжението од средбата гостинскиот состав успеа да направи целосен пресврт по многу изедначена игра и чести осцилации во двата табори. Најголемата драма се случуваше во четвртиот сет кога македонските одбојкарки не искористија сет топка при водство од 24:22 на семафорот. Противникот знаеше како да ја казни оваа пропуштена шанса, го доби сетот со 24:26 и се радуваше на конечна победа.
Македонскиот стратег константно ја менуваше поставата на овој тест меч и им овозможи прилика за настап на сите 16 одбојкарки. Нова можност за поправен испит нашите девојки ќе имаат веќе утре на вториот пријателски дуел кој се игра во Скендерај.

