Други спортови Одбојка

Македонските одбојкари мотивирани пред ЕП: Никој не може да ни го одземе правото да сонуваме!

Машката одбојкарска репрезентација на Македонија ги завршува последните подготовки пред заминувањето за Софија, каде што ќе ги одмери силите со најдобрите европски селекции на Европското првенство. На средбата со медиумите, капитенот Никола Ѓоргиев, искусниот Владо Милев и дебитантот Филип Јованов ги споделија амбициите и атмосферата во таборот пред почетокот на шампионатот.

Предводникот на репрезентацијата, Никола Ѓоргиев, истакна дека пред себе имаат исклучително тешка група во која противниците ја имаат фаворитската улога, но тоа не ја намалува желбата за позитивен резултат.

„Имаме многу тешка група, но никој не може да ни одземе да сонуваме. Ние сме тука да им ги поматиме сметките на сите и да ја играме нашата игра. Мора да бидеме мудри и трпеливи, а преголемата желба да не ни стане противник. Можам да ветам дека ќе гинеме за секоја топка и се надевам дека ќе ја израдуваме македонската јавност“, истакна Ѓоргиев.

Со сличен став настапи и Владо Милев, кој потенцираше дека насобраното искуство од претходните настапи на европските првенства мора да се искористи на вистински начин.

„Потребно е да влеземе со ладни глави и да одиме чекор по чекор. Имаме доволно искуство на вакви натпреварувања, а посебно ме радува што во тимот има и млади играчи кои покажуваат голем потенцијал и во иднина достојно можат да нè заменат“, порача Милев.

За младото либеро Филип Јованов, кој во мај дебитираше за сениорскиот тим, овој шампионат претставува најголем спортски предизвик во досегашната кариера.

„Голема чест и задоволство е да се биде дел од вакво натпреварување, особено што претходните три ги гледав на малите екрани. Свесни сме за квалитетот на противниците, но не одиме со бело знаме и ќе се бориме за секој поен и секој сет“, заклучи Јованов.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.