Машката одбојкарска репрезентација на Македонија со пораз го започна настапот на Европското првенство, откако во рамките на првото коло претрпе пораз од селекцијата на Бугарија со 3:0 во сетови (25:17, 25:19 и 25:18). Иако избраниците на селекторот Јошко Миленкоски пружија достоинствен отпор во поголемиот дел од сите три сета, светскиот вицешампион ја оправда фаворитската улога и ги искористи падaните во нашата концентрација во финишите.
Македонските одбојкари одлично го отворија мечот и диктираа темпо во почетните минути поведeно со 2:4, но противникот брзо се врати во игра. Нашите репрезентативци беа рамноправен ривал сè до резултат 16:15 во првиот сет, кога Бугарија направи клучна серија од 5:0 и го затвори сетот со 25:17. Речиси идентично сценарио се повтори и во вториот сет каде што се играше поен за поен до 18:18, по што противничкиот состав со нова серија од 6:0 ја обезбеди предноста од 25:19.
Во третиот сет македонскиот состав одржуваше резултатска рамнотежа до средината на сетот, по што следуваше уште еден пад во нашата игра и серија на Бугарите од 7:0 за водство од 20:13, со што беа решени сите дилеми околу конечниот исход. За македонските одбојкари ова беше сериозен тест против еден од главните фаворити на континенталниот собир што се одржува во Финска, Италија, Романија и Бугарија.

