Македонскиот младински репрезентативец Адмир Љатифи ја продолжи соработката со хрватски Осијек, потпишувајќи нов договор кој ќе го задржи во клубот до 2029 година. 19-годишниот крилен напаѓач во Осијек пристигна минатата година од Беса Добри Дол, а со своите настапи постепено успева да се наметне во конкуренција за сениорскиот тим.
Посебно внимание привлече на натпреварот против Ријека, кога за првпат се најде во стартната постава и веднаш придонесе со асистенција. По продолжувањето на договорот, Љатифи истакна дека укажаната доверба му претставува дополнителен поттик да продолжи со напорна работа.
„Добив шанса и му благодарам на тренерот. Мислам дека добро се снајдов, но верувам дека можам да бидам уште подобар на теренот. Убаво е да ја чувствуваш довербата, а многу ми значи и поддршката од навивачите. Уживање е да се игра на „Опус Арена““, изјави Љатифи.
Осијек со новиот договор јасно покажа дека сериозно смета на развојот на младиот македонски фудбалер, кој во периодот што следи ќе има можност дополнително да напредува и да се наметнува во првиот тим. Љатифи досега беше дел од младинските репрезентативни селекции на Македонија, а продолжувањето на соработката со хрватскиот клуб му дава стабилност и дополнителна можност за чекор напред во кариерата.

