Македонската кикбокс елита е подготвена за уште еден голем меѓународен предизвик на регионалната сцена. Од денес па сè до 31 мај, Нови Сад ќе биде домаќин на Балканското кикбокс првенство за сите возрасни категории во организација на „WAKO Balkan“, каде нашите борци ќе бркаат висок пласман и прегрст одличја во татами и ринг дисциплините. Кикбокс Маитаи Федерацијата на Македонија најголемиот дел од финансискиот товар за ова патување го покри самостојно, а овојпат за реализацијата пристигна и симболична поддршка од Министерството за спорт.
Нашата експедиција брои вкупно 108 членови, распределени во сите машки и женски конкуренции од кадети до сениори. Македонските бои во Србија ќе ги бранат 86 натпреварувачи, поддржани од 18 тренери и 4 судии, кои доаѓаат од дури 21 домашен клуб. Во составот се вклучени борци од скопските клубови Шампион, Гладијатор, Про Кик Фемили, Наско тим, Адора и Бобан Илиоски, потоа Енерџи и Самурај од Битола, Гладијатор фајт од Штип, Патриот од Крива Паланка, Аждер од Гевгелија, како и Куманово 2006 и Предатор од Куманово. Силите ќе ги одмерат и членовите на Будо од Кавадарци, Феникс од Росоман, Арена и Зоран Тим од Струмица, Лидер од Виница, Ронин од Прилеп, како и Адреналин и Комбат од Радовиш.

Репрезентацијата ја предводи претседателот на федерацијата и прв човек на Балканската WAKO федерација, Дејан Митровски – Урко, кој пред заминувањето порача дека очекува многу медали и достоинствено претставување на државата. Тој на сите борци им посака среќа во ждрепката, потенцирајќи дека има апсолутна верба во нивната подготвеност и победнички менталитет.

