Македонски фудбал Меѓународен фудбал Фудбал

Македонски талент заминува во Англија, Хоџа потпишува за Лидс Јунајтед!

Македонскиот фудбал добива уште една голема трансфер-приказна. Младиот напаѓач на Работнички и член на младинските репрезентативни селекции, Дитмир Хоџа, е пред преселба во Англија и тоа во редовите на премиерлигашот Лидс Јунајтед.

Според пишувањата на makfudbal.mk, трансферот е веќе договорен и зделката е склучена, а во наредните денови се очекува и официјална потврда од англискиот клуб.

Хоџа, кој на 8 август го прослави својот 18. роденден, во првата фаза од престојот на „Иланд Роуд“ ќе биде дел од тимот на Лидс до 21 година. Сепак, неговиот потенцијал му отвора можност постепено да се приближува и до првиот тим, предводен од искусниот германски стратег Даниел Фарке.

За Хоџа ова е огромен чекор во кариерата, особено ако се земе предвид дека зад себе има само една сезона во сениорскиот фудбал. Во дресот на Работнички успеа да го сврти вниманието кон себе со своите настапи, а потенцијалот го покажа и на европската сцена, каде што доби шанса против сериозни противници.

Финансиските детали од договорот засега не се објавени, но според информациите до кои дојдоа колегите од Макфудбал, Работнички ќе има значајна финансиска корист од трансферот, како и процент од евентуалната идна продажба на Хоџа.

Со овој трансфер Хоџа може да испише и историја. Доколку навистина заигра за првиот тим на Лидс во Премиер-лигата, ќе стане само вториот македонски фудбалер кој директно од македонски клуб направил трансфер во англиската елита. Пред него тоа го направи голманот Дени Илиев, кој од Беласица премина во Арсенал.

Интересно е и тоа што Хоџа заминува токму во клуб во кој неодамна настапуваше македонскиот репрезентативец Езгјан Алиоски. Пред него, македонски фудбалери како Гоце Христов, Гоце Седлоски, Артим Шаќири, Величе Шумуликоски и Горан Попов оставија трага во англискиот фудбал.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.