Македонски фудбал Меѓународен фудбал Репрезентација на Македонија Фудбал

Македонија убедливо поразена од Швајцарија во Луцерн (ВИДЕО)

Фудбалската репрезентација на Македонија претрпе нов пораз во Лигата на нациите, откако на гостувањето во Луцерн по вторпат во овој циклус загуби од фаворизираната Швајцарија со 3-0. Избраниците на Гоце Седлоски повторно останаа со празни раце и без постигнат погодок, иако во поголемиот дел од првото полувреме покажаа храбра и рамноправна игра, но три поединечни дефанзивни грешки беа сурово казнети од ривалот.

Селекторот Седлоски го отвори мечот со висок пресинг, каде што офанзивниот пристап предводен од Елмин Растодер и Љупчо Дориев на неколку пати ја принуди швајцарската одбрана на погрешни чекори. Македонија ја имаше и најзрелата шанса за водство по замислата на Барди и Елмас, кога Стојчевски со глава за малку биеше над пречката. Сепак, казната за пропуштеното пристигна во најнеповолниот момент, во 35. минута Фабијан Ридер пронајде пукнатина во македонскиот бедем и ја затресе мрежата за 1-0 пред паузата.

Вториот дел донесе целосна иницијатива на домаќините, кои го диктираа темпото и постојано вршеа притисок пред нашиот шеснаесетник. И покрај брзите измени на Седлоски и внесувањето на Омерагиќ и Гаштаров со цел да се врати свежината во нападот, Швајцарците го искористија падот на концентрацијата во завршницата. Во 72. минута по лошата проценка на Столе Димитриевски, Јохан Манзамби зголеми на 2-0, а веднаш во следниот напад по загубената топка на Гаштаров во опасната зона, Дан Ндоје ги постави конечните 3-0.

Со овој пораз Македонија го затвора тешкиот октомвриски прозорец без постигнат гол и со дополнителни грижи околу дефанзивната стабилност. Последните два предизвика од овој циклус во Лигата на нации следуваат во ноември, кога нашиот национален тим ќе ја пречека Словенија на домашен терен, а потоа ќе замине на гостување кај Шкотска.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.