Македонската фудбалска репрезентација продолжува со натпреварите од Лигата на Нации. Нашиот најдобар состав предводен од селекторот Гоце Седлоски, денеска, пристигна во Луцерн каде утре ќе го одиграат последниот натпревар од првиот дел од овогодинешното издание на ова натпреварување против домаќинот Швајцарија. Репрезентативците го одржаа и официјалниот тренинг, но на помошниот терен на стадионот во Луцерн, поради тоа што главниот терен не е во најдобра состојба.
По исклучително лошите изданија во последните неколку натпревари во кои нашата репрезентација нема постигнато гол, момците на Седлоски ќе имаат уште една мошне тешка задача против силниот домаќин. Пред нешто помалку од 10 дена загубивме во Скопје со високи 0-3, а сега, во Луцерн имаме можност да го подобриме впечатокот.
Македонија зад себе влече и лоша гол разлика, каде на седум одиграни натпревари под водство на Седлоски немаме постигнато ниту еден гол, а примивме петнаесет.

