Европски првенства Македонски ракомет Меѓународен ракомет Ракомет Репрезентација на Македонија

Македонија, Србија и Словенија се здружија за ЕП 2034!

Македонија, Србија и Словенија официјално влегуваат во трката за организација на машкото Европско првенство во ракомет во 2034 година. Трите федерации поднесоа заедничка кандидатура, обединувајќи ги своите искуство, инфраструктура и богата ракометна традиција. Од трите земји најавуваат сериозен и амбициозен проект, со цел да ги исполнат сите услови и стандарди на Европската ракометна федерација (ЕХФ). Во план е користење на соодветни спортски сали, хотели и останатата инфраструктура потребна за организација на натпреварување од највисок ранг.

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов, ја оцени кандидатурата како уште еден значаен чекор за македонскиот ракомет, нагласувајќи дека земјата има долгогодишна традиција и искуство со големи европски натпревари.

„Македонија е ракометна земја“, порача Стефанов, изразувајќи надеж дека заедничката кандидатура ќе ја добие довербата на ЕХФ.

И од Србија и Словенија веруваат во потенцијалот на заедничкиот проект. Трите федерации најавуваат тесна соработка со надлежните институции и градовите кои би биле вклучени во организацијата. Доколку кандидатурата биде избрана, Македонија, Србија и Словенија во 2034 година би биле домаќини на едно од најголемите ракометни натпреварувања во Европа.

Претходно е потврдено дека Европското првенство во 2028 година ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија, додека домаќини на турнирот во 2030 година ќе бидат Чешка, Данска и Полска. Европското првенство во 2032 година е доделено на Германија и Франција.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.