Други спортови Одбојка

Македонија со машка игра и пораз од Холандија ја почна Европската лига!

Македонската одбојкарска репрезентација со пораз го започна својот десетти јубилеен настап во Европската лига, која од годинава се игра во нов, обединет формат со виза за Европското првенство во 2028 година. Во спортската сала „Парк“ во Струмица, беа совладани од фаворитот Холандија со максимални 0:3, по сетови 19:25, 21:25 и 22:25.

Иако конечниот резултат делува убедливо, избраниците на селекторот Жарко Миленкоски пружија достоен отпор во сите три сета. Ослабени поради неиграњето на повредениот Љафтов, македонските одбојкари покажаа карактер, но немаа одговор за моќниот сервис и цврстиот блок на „лалињата“.

Во првите два сета се играше егал до првата третина, по што Холанѓаните со серија од 3-4 поени ја правеа клучната разлика на средината од периодот. Нашата селекција успеваше да се врати во финишот и да избори прифатлива негатива, но немаше сила за целосен пресврт.

Во третиот сет противникот поведе со високи 16:10, по што Миленкоски се обиде да ја стабилизира одбраната со внесување на Ефремов и искусниот Милев. Тоа донесе резултат, па нашите момци со голема борба и неколку успешни одлуки по видео-проверка се доближија на само два поени негатива (19:17), но фаворитот го издржа притисокот во финишот.

Кај Македонија, единствен со двоцифрен ефект беше капитенот Никола Ѓоргиев со 11 поени, Стојан Илиев додаде 8, додека Костиќ и Савовски реализираа по 6 поени. Во победничкиот табор незапирлив беше Меијс со одличен поентерски ефект, а поддршка имаше и од Плак кој запиша 11 поени.

Турнирот во Струмица продолжува утре со дуелот меѓу Холандија и Луксембург, додека в недела Македонија ќе ја бара првата победа во рамките на третото коло против селекцијата на Луксембург.

Содржината, авторските текстови, материјали, фотографии, видеа и друга мултимедијална содржина на Sportei.mk се заштитени со Законот за авторско право и не смеат да се користат или злоупотребуваат без претходна писмена согласност од редакцијата.
Loading...

No more posts to load.